Најдобриот меч во првото коло на ЕП во Хрватска дефинитивно беше дуелот на Македонија со Словенија во кој нашите репрезентативци стигнаа до важна и заслужена победа во цврст меч, по кој словенечкиот селектор, Веселин Вујовиќ продолжи да упатува „отровни стрели“ кон судиите.
„Немам никакви замерки на нашите играчи, ниту на македонските. Во ракометот сум 45 години, но изгледа не ги знам правилата на спортот. Во 95 отсто од случаите не знаев што судеа романските судии. Грешеа на двете страни, така што ако добијат преодна оценка, подобро да ја сменам професијата. На пример, да станам рудар. Мислам дека ова ЕП се игра за гледачите, но изгледа судиите ќе бидат во прв план“, изјави Вујовиќ.
Тој, исто така, беше разочаран од играта на својот тим.
„Можам да кажам дека одигравме лош натпревар. Ја немавме таа сила, таа моќ, дрскост и безобразност која обично ја имаме. По тие 15 минути во второто полувреме се изгаснавме, Така не можеш на големо натпреварување“, додава популарниот Вујо.