Ракометниот клуб Извиѓач од Љубушки, Босна и Херцеговина, нема да се врати во регионалната СЕХА-лига, откако клубот официјално не ги исполнува условите на лигата.
„Иако Извиѓач од Љубушки е шампион на Босна и Херцеговина, тимот нема доволно квалитет за СЕХА-лигата, а ниту други инфраструктурни услови. Спонзорот ’Газпром’ е строг околу исполнувањето на условите“, вели поранешниот претседател на Вардар, а сега прв човек на регионалната лига, Михајло Михајловски за босанскохерцеговските медиуми.
Сепак, целта на СЕХА-лигата, каде што редовни учесници се најдобрите македонски клубови Вардар и Металург е да дојде до проширување на лигата со квалитетни противници.
„Тимовите би требало да имаат 14 наместо 20 натпревари, со што ќе се избегне заморот во клучниот дел од сезоната, и ќе се привлечат нови топ тимови од регионот. Тешко е да се најдат тимови на нивото на Мешков Брест, ППД Загреб или Вардар. Веќе е разговарано со Веспрем и Пик Сегед, а има интерес и кај полските Киелце и Висла Плок. Имаме и понуди од Израел, Романија и Австрија, но во моментов тие не носат квалитет“, додава Михајловски.
Извиѓач последен пат беше дел од лигата во 2016/17, а минатата сезона во СЕХА лигата имаше само 10 клубови – Вардар (кој пак ја освои титулата), ППД Загреб, Целје, Мешков, Горење, Татран, Металург, Нексе, Динамо Панчево и Војводина.