Top Sport

За малку од готово-вересија! Лазаров ја „крена“ Македонија над Украина (видео)

Македонската ракометна репрезентација, сепак, не дозволи незгодната Украина да ни ги помати сметките за пласман во наредната фаза на Европското првенство, откако во Виена стигнавме до на крајот непотребно тежок 26:25 триумф.

Македонија имаше предност од почетокот на мечот, правејќи 10:6 предност, но дозволувајќи Украинците да се вратат во игра со три гола едноподруго. На полувреме имавме 13:10, по што во второто полувреме имавме и пет гола предност (17:12).

Наместо по ова да се отиде рутински до победата, ние дозволивме Украина со серија од 5:1 да израмни на 22:22, а потоа и да дојде до водство (22:23) на десетина минути пред крајот. Македонија повторно успеа да се одвои на +2 (25:23), но Украина пак израмни на 25:25, пред во последниот напад на мечот, Кирил Лазаров, како и секогаш, да биде на висината на задачата и да донесе победа.

Капитенот беше најефикасен со осум голови, Дејан Манасков додаде шест, а на голот беше одличниот Митревски, додека кај Украинците ракометарот на Еурофарм Пелистер Остроушко имаше пет гола.

Сега следува пресметка со Чешка во недела (16.00 часот), каде што со победа би разрешиле многу дилеми околу пласманот во наредната фаза.

Во другите два вечерни меча на Европското првенство, немаше ваква драма. Норвешка рутински со 32:26 беше подобра од Босна и Херцеговина, додека Швеѓаните ја „растурија“ Швајцарија со 34:21.

Фото: ЕПА

ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО 2020, 1.КОЛО

ГРУПА Б

Чешка – Австрија 32:29 (14:13)

Македонија – Украина 26:25 (13:10)

ГРУПА Д

Франција – Португалија 25:28 (11:12)

Норвешка – Босна и Херцеговина 32:26 (17:12)

ГРУПА Ф

Словенија – Полска 26:23 (13:11)

Шведска – Швајцарија 34:21 (20:13)

Scroll to Top