Top Sport

Започнува завршниот турнир во Келн – Барселона ја брани титулата

Денес и утре, во Ланксес арената во Келн ќе се одигра завршниот турнир во ракоемтната Лига на шампионите. Барселона, Магдебург, ПСЖ и Кјелце ќе се борат за трофејот. Титулата освоена минатата сезона ја брани Барселона.

Турнирот во Келн, од 15:15 часот ќе го отворат Барселона и Магдебург. На хартија Барселона е голем фаворит. Каталонската ракометна машина во изминатите две сезони ја освојуваше титулата. Се надеваат дека ќе бидат првиот тим што постигнал хет-трик во овој милениум. Само згаснатиот Сиудад Реал успеа да го освои пехарот двапати во овој век во 2008 и 2009 година.

Магдебург знае како се победува Барселона. Германскиот шампион тоа го направи два пати на Суперглоб, неофицијалното светско клупско првенство.

Второто полуфинале меѓу ПСЖ и Кјелце ќе започне во 18 часот. Кјелце, минатата сезона дојде до финалето, но не успеа против Барса. Оваа сезона, клубот се соочи со големи проблеми од финасиска природа, во последен момент се појави спонзор со кој тимот на Талант Душебаев се спаси од банкрот.

Игор Карачиќ, европски првак со Вардар, ќе биде во составот. Хрватскиот репрезентативец беше повреден. Душебаев потврди дека тој ќе игра, додека половични се шансите да настапи пивотот, Арцем Каралек.

На спротивната страна е ПСЖ со Раул Гонзалес на клупата. Шпанецот му ја донесе првата европска круна на Вардар.

Од четирите клуба само ПСЖ никогаш не бил европски првак. Барса има 11 титули, додека Магдебург и Кјелце имаат по еден трофеј, во 2002 и 2016 година.

Scroll to Top