Герет Саутгејт на крајот не успеа во главната цел – да „го врати фудбалот дома“ и на Англија да и донесе втора светска титула. Меѓутоа, англискиот селектор може да биде горд на успехот на неговиот млад тим.

Прво, Саутгејт беше донесен како „итна замена“ на клупата на „трите лава“ по скандалозното отпуштање на Сем Алардајс, а второ, од него и од неговиот тим никој не очекуваше нешто повеќе освен поминување на групната фаза.

Тој успеа да го направи тимот посимпатичен за англиската јавност, промовирајќи фудбалери кои тешко дека би добиле шанса со некој друг селектор, и ја врати довербата во големи работи. Затоа разочарувањето тешко се поднесуваше во Москва. И секако, во Англија направи „бум“ во продажбата на елегантните елеци кои ги носи.

„Во првото полувреме бевме навистина добри и можевме да дадеме уште еден гол. Во второто, откако тие дадоа гол моравме да го издржиме притисокот. На крајот најважни се нашите навивачи и нивната реакција. Тоа покажува дека фудбалерите го дале максимумот, не само денеска, туку и на претходните натпревари. Не можам да побарам повеќе. Нокаут натпреварите се такви. Дојдовме далеку за кратко време. Но, на крајот, можеби сме над тоа што мислевме дека можеме да го оствариме. Денеска не бевме таму, но тимот ќе биде посилен по ова искуство“, изјави Саутгејт.

Фото: ЕПА