Поранешниот дефанзивец на Манчестер јунајтед и Англија, Рио Фердинанд, се вклучи во расправата за тоа кој е подобар фудбалер – Кристијано Роналдо или Лионел Меси.
Еден од овие двајца синоќа сам го победи Челси (3:0) во осминафиналниот реванш во Лигата на шампионите. Меси блескаше на „Камп Ноу“, а воедно прослави и јубилеј, 100 гола во елитното натпреварување.
Рио Фердинанд не остана рамнодушен на она што Меси го презентира синоќа против Челси. Ексрепрезентативецот на Англија во студиото на „БТ спорт“ на „Камп Ноу, со воодушевување ги славеше головите на Аргентинецот.
„Кога Роналдо ќе излезе на теренот, ви вели ‘дајте ми ја топката во онаа зона во која можам да постигнам гол’. Тој е роден стрелец, убиец. Него не го интересира ритамот на натпреварот или да се врати до центарот на игралиштето, тој само сака да биде во вистинско време на вистинското место и во тоа е брилијантен. Од друга страна, Меси ќе го видите и во дефанзивата како освојува топки, двојно проигрува и го чека моментот кога ќе го зададе конечниот удар. Тој го контролира ритамот на натпреварот. Тоа е основната разлика помеѓу Меси и Роналдо“, рекол Фердинанд.
Дефанзивецот во кариерата бил соиграч со Кристијано Роналдо во Манчестер јунајтед, а Меси му бил противник во финалните натпревар во Лигата на шампионите, во 2009 и 2011 година.
„Во тие два натпревара ниту еднаш не бев блиску до него. Елементот на изненадување кај Меси е неверојатен. Го чуваш, тој ќе ја прими топката, очекуваш да направи еден допир, а тој со два или три мали допири целосно те исфрла од игра. Неверојатно. Во ситуации во кои другите фудбалери имаат малку заматен преглед на натпреварот, тој константно игра во ХД-резолуција“, дополнил Фердинанд.
Тој на крајот духовито го коментирал и физичкиот изглед на Меси.
„Не очекуваш некој со таква конституција да игра толку добро. Кога во некоја машина би сакале да направите совршен фудбалер, сигурно не би сте го направиле Меси. Би го направиле Роналдо. Нема логика со таква градба да прави такви работи на теренот“, заклучил Рио Фердинанд.