Top Sport

Реми на дербито во Лондон, Лестер победи за Вичаи (Видео)

Арсенал и Ливерпул одиграа 1:1 во дербито на 11.коло во Премиер лигата. Саботните натпревари минаа во знакот на емотивниот триумф на Лестер во Кардиф и првата победа во сезоната на Њукасл.

Фудбалерите на Ливерпул ја продолжија серијата без пораз во Премиер лигата и по дербито со Арсенал. Милнер во 61.минута и Лаказет во 82.минута ги постигнаа головите на „Емирејтс“.

Почетокот на мечот целосно им припадна на играчите на Арсенал, по само четири минути се закани Лаказет, а десетина минути подоцна Алисон го скроти и ударот на Џака.

Ливерпул возврати во 19. и 23.минута, најпрвин поради офсајд му беше поништен гол на Мане, а потоа голманот Лено му одбрани зицер на Ван Дајк. Холанѓанецот во финишот на првиот дел го погоди дирекот, а истото го направи и во 75.минута.

Арсенал најдобрата шанса во првото полувреме ја имаше преку Мхитаријан, меѓутоа Ерменцот не успеа да го казни киксот на голманот на Ливерпул.

Лестер по голема трагедија која се случи во неделата и во која загина сопственикот на клубот Вичаи Шриваданапрабха успеа да победи во Кардиф. „Лисиците“ славеа со 1:0 со голот на Греј во 55.минута.

Еден гол го реши победникот во Њукасл, каде „страчките“ беа подобри од Вотфорд. Голот за првата победа во сезоната на Њукасл го постигна Перез во 65.минута.

Евертон без многу проблеми славеше против Брајтон 3:1, иако по првото полувреме резултатот беше 1:1. Два гола постигна Бразилецот Ришарлисон за Евертон.

Два гола за триумф на Вест Хем над Барнли (4:2) постигна Фелипе Андерсон, а за „чеканите по еден гол постигнаа и Арнаутовиќ, односно Чичарито.

Scroll to Top