Top Sport

Мекларенот не престанува да се расипува, но во тимот велат нема криза

Во Мекларен инсистираат дека нема причина за аларм и покрај тоа што тимот продолжува со големите проблеми во текот на зимското тестирање.

И покрај трансферот на мотори на Рено по три проблематични години во Хонда, МЦЛ33 болидот трипати откажа во првиот ден на вториот зимски тест во Барселона. Вториот ден, иако започна добро и Фернандо Алонсо имаше 47 кругови (две третини од трка), попладнето болидот повторно откажа.

„Не се работи за проблем со моторот, туку за истекување на масло. За жал, ова предизвика откажување на моторот и моравме да го смениме. Но, ова е само тестирање. Имаме мали проблеми и тоа е дел од тестирањето. Новото партнерство со Рено функционира добро и само бараме малку повеќе време“, вели шефот на тимот, Ерик Булие.

Пред тестот во Барселона, 20-кратните шампиони во Ф1 имаа цел да поставуваат по 100 кругови дневно во текот на тестирањето, но по неполни шест дена (од вкупно осум), целта беше остварена само еден ден. Претседателот на клубот, Зек Браун вели дека нема причини за загриженост.

„Ова се нормални проблеми. Сите работи кои ги доживеавме се во основна минорни и се решени на тестирањето. Секако, би сакале повеќе кругови, но засега не сме загрижени“, вели Браун.

ЗИМСКИТЕ МАКИ НА МЕКЛАРЕН

1 ден – Алонсо се изврте во првиот час од тестирањето поради слабо зацврстена навртка на гумата. Тимот комплетираше 51 круг.

2 ден – Фандорне имаше само 37 круга откако поради скршениот ауспух „прегорува“ електрониката на болидот.

3 ден – Мекларен, како и повеќето други тимови го поминуваат денот во гаражата поради снегот во Барселона.

4 ден – Продуктивен ден за тимот – Фандорне и Алонсо имаат комбинирани 161 кругови.

5 ден – По проблем во боксот, МЦЛ33 откажува на патеката поради проблем со акумулаторот. По тричасовна пауза, Мекларен се враќа во акција, но во текот на попладнето повторно откажува поради проблеми со хидрауликата.

6 ден – Мекларенот застанува во седмата кривина поради истекување на масло кое го прегорува моторот.

Scroll to Top