Top Sport

Гатузо: Директорите на Милан знаат каде можат да ме најдат

Тренерот на Милан, Џенаро Гатузо вели дека е фокусиран на подобрувањето на перформансите на теренот и дека не се оптоварува со шпекулациите за нов договор со гигантот од Милано.

Гатузо беше донесен како главен тренер на „росонерите“ од Примавера јуниорскиот тим на Милан по отпуштањето на Винченцо Монтела во ноември, и оттогаш направи солиден пресврт за подобрување на позицијата во Серија А. Меѓутоа, следуваше и исфрлувањето од Арсенал во осминафиналето од Лигата на Европа со комбинирани 5:1.

Иако спортскиот директор Масимилијано Мирабели вели дека сака Рино да остане на чело на клубот, Гатузо не размислува за иднината.

„Искрено, воопшто не размислувам за тоа. Нема проблем. Фокусиран сум на мојата работа, а директорите на клубот знаат каде можат да ме најдат. Јас морам да продолжам со работата, да ги убедам играчите дека се доволно силни и да ги мотивирам за секој меч. Играчите се вистински подарок за мене. Го даваат максимумот и веруваат во тоа што ќе им кажам“, вели Гатузо.

И покрај поразите од Арсенал, Милан се во добра серија на домашен терен – влегувајќи во дуелот со Киево во недела со девет меча без пораз, и со седум победи во тој период. И покрај ова, Милан е на шест поени од топ 4 пласман во Италија.

Фото: ЕПА

Scroll to Top