Јирген Клоп и Пеп Гвардиола се меѓу најдобрите тренери во светот, имаат здраво спортско ривалство, а кога за одреден тема имаат исто мислење тоа значи дека некој ќе се најде на „тапет“. Клоп и Гвардиола го делат мислењето дека системот во фудбалот мора да се менува.
Манчестер сити и Ливерпул, во новата сезона ќе влезат без неколку важни играчи. Носителите на играта во клубовите истата улога ја имаат и во националните тимови што значи дека во летниот период речиси и да немаат одмор.
Ако не се игра Светско првенство, тогаш се игра европско, ако на програмата не е ниту светско ниту европско, тогаш се игра Купот на Африка или Копа Америка.
Летово најдолго траеше Купот на Африка, натпреварувањето заврши во петокот со триумф на Алжир.
„Не можеме да заборавиме важен детал, ние ја почнавме новата сезона, а Ријад Марез се уште не ја завршил претходната. Ваков луд распоред и ваквиот ритам ќе ни ги убие играчите. Не можеме уште долго да го издржиме ова темпо. Тие мора да дишат, да одморат за да можат на сите турнири да го играат својот најдобар фудбал. Едноставно мора да имаат одмор“, рекол Гаврдиола.
Исто мислење има и Клоп, еден од неговите најдобри играчи, Садио Мане е во слична ситуација како Марез од Манчестер сити.
„Седиме тука и разговараме и она што го слушате можеби ќе ви делува дека се жалиме, но долгорочно ваквата ситуација е неиздржлива. За мечевите во пред сезоната не е проблем. Но не е во ред кога по три дена одмор повторно ќе им кажете ‘еј, одиме не тренинзи, на трчање…’. Имаа многу тешко лето. Фудбалот не е возење на велосипед па да можете лесно да ја вратите формата, кога малку ќе го испуштите ритамот. Мораме во иднина да ги смениме работите, мораме да го сториме тоа или играчите ќе прегорат“, заклучил Клоп.