Швајцарскиот тенисер Роџер Федерер наредниот месец ќе наполни 38 години, но се уште сериозно не размислува за пензија.
Во неодамнешно интервју тој порача дека освои речиси се што си зацрта, но има намера истото да го стори повторно и пак да го почувствува слаткиот „вкус“ на триумфот.
„Поставив цели кои сакам да ги остварам во кариерата, а остварив доста, речиси сите, но сакам повторно. Тие убави моменти да ги преќивеам повторно и така да ми останат во сеќавање. Сакам пак да го освојам Вимблдон, и повторно да бидам на врвот на АТП листата“ – изјави Федерер.
Тој смета дека во моментов најбитно за неговата кариера е балансот меѓу работата на тениските терени и семејството.
„Се радувам на деновите кога ќе имам помалку обврски, ќе можам тогаш да се посветам повеќе на работата во Фондацијата која ја водам. Сакам да им помогнам на многу деца, пред се на тие од јужните краишта на Африка. Тоа се моите соништа за наредните 10, 20, 30 години“ – вели легендарниот Швајцарец.