Top Sport

Замената Адријан со одбранет пенал го донесе Супер купот на Ливерпул (видео)

Шпанскиот голман Адријан, кој дојде во Ливерпул пред крајот на летниот преоден рок и доби шанса да игра по повредата на Алисон Бекер, беше херојот на „црвените“ во УЕФА Супер купот во Истанбул, откако го одбрани пеналот на Теми Абрахам во петтата серија и ја запечати победата над Челси, откако по двете продолженија беше 2:2.

Челси беше „поинаков“ тим од тој кој загуби со 4:0 од Манчестер јунајтед во неделата, и поизрамнет противник во Истанбул, но на крајот тимот на Јирген Клоп ја почнува фудбалската сезона со трофеј.

По регуларните 90 минути беше 1:1, откако Челси успеа да дојде во водство по одличната асистенција на Кристијан Пулишиќ до Оливие Жиру, но Ливерпул израмнија само две минути по стартот на второто полувреме, преку Садио Мане.

„Црвените“ беа поблиску до победа со повеќе шанси против променетиот тим на Френк Лампард, меѓутоа на голот беше Кепа Аризабалага, кој имаше неколку одлични интервенции на обидите на Салах и Ван Дајк.

Мане во 95. минута од мечот доби одлична топка од Роберто Фирмино, по што ја заби топката во горниот десен агол и фановите на „црвените“ веќе почнаа да слават, меѓутоа, Жоргињо од пенал во 101. минута израмни на 2:2.

Scroll to Top