Top Sport

ЛШ: Динамо лесно со Розенборг, Звезда со супер-реми во Швајцарија (видео)

Додека македонските клубови не можат да се пофалат со успешни европски авантури, српскиот шампион Црвена звезда и хрватскиот шампион Динамо Загреб направија огромен чекор кон пласман во групната фаза на Лигата на шампионите.

Звезда, која лани имаше забележително враќање во европската елита (и победа над подоцнежниот европски шампион Ливерпул), како последен противник ги имаше Јанг бојс од Берн и во интересен меч стигна до 2:2 реми пред домашниот меч на „Рајко Митиќ“ во Белград.

Работите не тргнаа добро за „црвено-белите“ откако Јанг бојс уште во седмата минута дојдоа до водство преку Рожер Асале, но рамнотежата беше вратена во 18. минута кога Милош Дегенек постигна фантастичен гол. Целосниот пресврт го комплетираше новото засилување на Звезда, Матео Гарсија, кој на почетокот на второто полувреме го постигна својот деби-гол за водство на гостите.  Сепак во 76. минута од мечот, Боачи направи фаул над Нгмале во шестнаесетникот и по разгледувањето на ВАР-снимките беше досуден пенал за Јанг бојс, кој успешно го реализираше Гијом Оро.

На „Максимир“ во Загреб пак, Динамо имаше фуриозен старт на мечот против норвешкиот шампион Розенборг, откако за 20 минути направија предност од 2:0. Петковиќ од пенал уште во деветтата минута донесе предност за „модрите“, а Оршиќ во 20. минута зголеми на 2:0. Во првото полувреме, Динамо требаше да води и со 3:0, откако не беше суден пенал од страна на судијата Даниеле Орсато и покрај очигледното играње со рака на фудбалерот на Розенборг. Судијата воопшто не побара разгледување на ВАР-системот.

Многу блиску до ЛШ е и грчкиот Олимпијакос, откако со 4:0 го победи рускиот Краснодар. Мигуел Гереро во 30. минута, Лазар Ранѓеловиќ во 78. и 85. минута и Дани Поденсе во 89. минута стрелаа за клубот од Пиреја.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, БАРАЖ, 1.МЕЧ

Динамо Загреб – Розенборг 2:0

Јанг бојс – Црвена звезда 2:2

Олимпијакос – Краснодар 4:0

Scroll to Top