Серена Вилијамс и Марија Шарапова ќе ја имаат својата прва пресметка на Флешинг Медоуз на САД опен следната недела, откако ждрепката посака двете да бидат противнички уште во првото коло.
Ова ќе биде 22. меч меѓу двете долгогодишни ривалки, кои се избегнаа досега во мечевите во Њујорк. 37-годишната Американка има доминантен 19-2 скор против петкратната гренд слем шампионка Шарапова, низа која трае откако Шарапова како тинејџерка ја победи Вилијамс во финалето на Вимблдон во 2004 година.
Вилијамс, која е осма носителка, лани направи скандал во финалето на САД опен против Јапонката Наоми Осака по конфликтот со судијата на столче, Карлос Рамос. Таа нема играно по повредата на грбот во финалето на Роџерс купот на 11 август, додека Шарапова пак има поголеми проблеми со повредите оваа сезона и моментално е на 87. место на ВТА-листата.