Службата на фудбалскиот клуб Црвена ѕвезда задолжена за односи со јавноста демантира дека тенкот што вчера бил поставен пред стадионот „Рајко Митиќ“ во минатото бил користен во воените дејствија на подрачјето на Вуковар. Министерот за МВР во владата на Србија, Небојша Стефановиќ, потврдил дек тенкот бил макета.
Клубот во обид максимално да ја подигне атмосферата пред мечот со Јанг Бојс, вчера направи несекојдневен потег, постави тенк пред влезот на северната трибина на стадионот, каде што е местото на најжестоките навивачи на Црвена ѕвезда.
На тенкот е поставено знаме „северна армија“ алудирајќи на армијата навивачи што ја окупираат северната трибина.
Еден таблоид од Србија ја измислил приказната дека станува збор за тенк од 90 години на минатиот век, кој наводно бил во Вуковар.
„Тоа возило не е од Вуковар. Тоа е расходуван тенк. Купен е на отпад на југот на Србија. Возилото нема мотор, воопшто не е оперативно“, соопштиле од ПР службата на клубот.
Црвена ѕвезда вечерва го игра реваншот против Јанг Бојс. Првиот меч заврши без победник (2:2) и во случај на позитивен резултат Црвена ѕвезда ќе се пласира во главната фаза во Лигата на шампионите.