Напаѓачот на Коринтијанс, Жо е прогласен за најдобриот бразилски фудбалер за 2017 од страна на спортските новинари, еден ден откако ја заврши сезоната како најдобар стрелец во бразилската прва лига.
Жо, кој немаше најдобри периоди во Манчестер сити и Евертон, постигна 18 гола за да се израмни со Енрике Дурадо од тимот на Флуминенсе. Неговиот клуб Коринтијанс ја освои титулата и имаше три од 11-те најдобри играчи, исто како и шампионот од Копа Либертадорес, Гремио
„Пресреќен сум од наградата и оваа ’Златна топка’ ја посветувам на фановите на Коринтијанс и на моите колеги“, изјави Жо.
За најдобар гол од сезоната беше прогласен голот на Отеро од Атлетико Минеиро за лобот од 50-тина метри против Коритиба.