Top Sport

Компани: Проблемот со расизмот е во институциите, требаат строги казни

Белгискиот фудалер, Венсан Компани одлучи да застане во одбрана на својот соиграч од репрезентацијата на Белгија, Ромелу Лукаку, кој изминатите денови беше жртва на расистички испади од навивачите на Калјари.

Група навивачи на Интер, клубот на Лукаку, вчера издадоа соопштение во врска со случајот, а во одбрана на „колегите“ од Калјари. Во соопштението се наведува дека тоа што од трибините се слушале звуци кои потсетуваат на мајмунски, нема врска со расизмот, туку дека во Италија така се збунуваат противничките играчи.

Компани смета дека токму соопштението е критично затоа што во него се гледа дека луѓето не ја разбираат суштината на расизмот, како ни тоа како се чувствувал Лукаку додека ги слушал извиците од трибините.

„Прочитав што напишаа навивачите и дури сега сфатив дека проблемот е уште поголем од што мислев. Најголем проблем се институциите, кои не санкционираат како што треба. Да се казнуваа клубовите, репрезентациите и поединци пред 5 години кога се појавија првите проблеми, денес немаше да биде до овде. ФИФА и УЕФА, фудбалските сојузи на државите, како и лигите мораат да воведат строги казни за да ги доведат работите во нормала. Вака имате еден куп луѓе кои го навредуваат играчот на терен и уште сметаат дека тоа не е навредување. Никој на тоа не реагира, а никој не ни знае како се чувствува Лукаку кога ќе ги чуе извиците, за кои велат дека не се расистички“ – изјави Компани.

Scroll to Top