Фернандо Алонсо вели дека само промените во регулативите во Ф1 во 2021 година можат да го привлечат да направи кам-бек во спортот, откако неколку шпекулации го поврзуваа со враќање во Ферари или Мерцедес.
Алонсо си замина од Ф1 на крајот на минатата сезона по четири години во Мекларен, кои не произведоа болид со кој тој можеше да се бори ниту за поени. Двократниот Ф1 шампион сега има друг фокус – откако победи на Монако ГП во Ф1 и на 24 Часа Ле Ман, сака да ја освои „тројната круна“ со триумф на Индијанполис 500, нешто што досега му успеало само на Греем Хил.
Алонсо признава дека го привлекува тоа, но и можен настап на Дакар рели во 2020, но вели дека е можно да се врати ако Ф1 доволно се смени.
„Морам да реализирам некои други предизвици надвор од Формула 1, како Инди 500 и други трки. Во 2021 со нови правила, ако се доволно добри и ако имаме поинаква Формула 1, тогаш зошто да не. Причините поради кои заминав од Ф1 се уште присутни – доминација на еден тим и предвидливи трки. Но, имаат голема шанса да сменат многу. Секој друг спорт е помалку предвидлив од Ф1, како Мото ГП, како Индикар трките. Единствено лошо е што има 22 трки, малку сум стар за тоа“, вели Алонсо.