Грчките кошаркари ја победија Чешка 84:77 но не успеаја да се пласираат во четврт-финалето на Светското првенство во Кина. На Грците им беше потребна победа со најмалку 12 поени разлика за во евентуалниот круг со Бразил и Чешка да бидат најдобри.
Натпреварите во оваа група ќе завршат со дуелот помеѓу САД и Бразил. Доколку се остварат реалните прогнози и Американците победат тогаш Бразил, Чешка и Грција ќе имаат по три победи и два порази, а поради најдобрата кош-разлика заедно со САД во четврт-финалето ќе одат и Чесите.
Чесите одиграа храбро против Грција, иако ротацијата им беше скратена поради неиграњето на повредениот Блејк Шилд. Водеа на полувреме, а успеаја да се вратат три пати од минусот од 12 поени.
Грците направија голем пресврт и целосно ја презедоа контролата врз натпреварот во финишот на третиот период кога доминираа благодарение на братот на Јанис Адетокумбо, Танасис. Повозрасниот од браќата за помалку од три минути постигна 11 поени.
Во последниот период Чесите константно држеа едноцифрена негатива, а сите дилеми ги реши Бохачич со погодената тројка на 107 секунди до крајот на мечот.
Бохачик на крајот заврши со 25 поени, а Саторански беше блиску до трипл-дабл (13 поени, 8 скока, 9 асистенции). Грција ја предводеше Калатес со 27 поени и по 6 скока и асистенции, додека најголемата ѕвезда Јанис Адетокумбо забележа 12 поени и 9 скока.