Top Sport

Кузнецова отворено: Бушар е најпреценета, Бартоли беше најчудната

Рускиот рекет број 1, Светлана Кузнецова беше во „посета“ на рускиот весник „Спорт експрес“ и даде интервју во кое отворено зборуваше за своите ривалки и за допинг-нападите над Русија.

32-годишната ветеранка, која е носителка на две гренд слем титули (УС опен во 2004 и Ролан Гарос во 2009), вели дека почнува да ја нервира вниманието кое го добива канадската тенисерка Јуџини Бушар и покрај нејзините слаби резултати на тениските терени.

„Најпреценета секако е Јуџини Бушар. Таа имаше една добра сезона и оттогаш впечатокот е дека нон-стоп е во топ 10, и на големите турнири секогаш и даваат големо значење. Постојано е на насловните страници, но не поради квалитетот на тенисот. Но, се навикнав на вакви ‘неправди’ и веќе не се лутам, ниту има љубомора“, вели Кузнецова.

Таа вели дека Бушар, и покрај потценувачките коментари кон Марија Шарапова, сака да биде како Русинката.

„Многу, многу девојки сакаат да се како Маша Шарапова. Посебно високите русокоси тенисерки кои сакаат да играат агресивно. Каролине Вознијацки пак, се фотографира за ‘Спортс илустрејтед’ и не знам… Тоа е толку чудно и толку различно од мене. Кога ќе ја завршам кариерата сакам да работам во училиште, а не да бидам на насловните страници“, објаснува Кузнецова.

Која е најчудната тенисерка против која играла?

„Има многу чудни тенисерки. Како Марион Бартоли. Таа беше целиот живот со нејзиниот татко, кој е некој доктор и тоа е најчудниот однос кој сум го видела. Тој ќе ја врзеше на оградата како коњ, ќе и ги замоташе колената со пакети мраз… Не сфаќав што се случува. Иако никогаш не играл тенис, и фрлаше топчиња и таа трчаше. Многу чудно“, додава Кузнецова.

 

Scroll to Top