Ракометарите на Вардар одбраната на титулата во Лигата на шампионите ќе ја започнат од Монпелје. Ова ќе биде дуел на екипи што го освојуваа пехарот во претходните три сезони.
Интересно, Вардар и минатата сезона во елитата ја стартуваше од Франција. Пред една година „црвено-црните“ славеа со 33:27.
Двата тима нема да бидат комплетни на отворањето на сезоната, кај Вардар поради повреди ќе ги нема капитенот Стоилов и новиот играч, Бразилецот Де Толедо, додека во редовите на Монпелје ќе недостигаат Литванецот Трихановичиус и Суси.
Натпреварот ќе започне во 17.15 часот. Покрај мечот Монпелје-Вардар, во Б-групата денес ќе играат Порто и Мешков Брест, а утре на програмата се мечевите Веспрем-Мотор Запорожје и Кил-Кјелце.