Во последниот меч од петтото коло во англиската Премиер лига, Астон вила и Вест хем одиграа непопуларни 0:0, иако мечот не беше толку досаден како што покажува резултатот, а „најжешко“ беше кога двајца фудбалери на Вила, Ахмед Ел Гази и Тајрон Мингс за малку ќе се степаа, а во акција беше вклучен и ВАР системот.
Расправијата се случи во средината на првото полувреме, откако Мингс луто реагираше кон Холанѓанецот за тоа што не го „следел“ својот противник назад во одбрана. Потоа се разменија неколку лути зборови, а Ел Гази се обиде да го удри со глава соиграчот.
Двајцата соиграчи потоа беа разделувани од Марвелус Накамба и Бјорн Енгелс, а интересно ВАР системот разгледуваше дали да му даде црвен картон на Ел Гази, но на крајот го „поштеди“.
El Ghazi ? Mings
When team-mates collide ?#ASTWHU pic.twitter.com/UFyBWojy9g
— Goal (@goal) September 16, 2019
„Чеканите“ имаа повеќе шанси во првото полувреме, но и домаќините имаа одлични шанси, посебно преку Мекгин, кој во 53. минута ја погоди стативата на голот на лондонскиот клуб.
Ритамот на игра се смени во 67. минута, кога Артур Масуаку направи груб фаул и доби втор жолт картон, оставајќи го клубот со играч помалку. Вила не успеа да ја искористи оваа предност, иако Грилиш доби одлична топка од Луиз но беше непрецизен.