Шпанските медиуми тврдат дека Килијан Мбапе наредното лето ќе потпише договор со Реал Мадрид. Експертот за трансфери Едуардо Инда тврди дека има ексклузивни информации, односно дека клубовите речиси го договориле трансферот.
Килијан Мбапе неодамна го кажа својот став, дека нема да го продолжи договорот со Пари Сен Жермен кој му истекува во јуни 2022 година. Неговата одлука не им остава на ПСЖ никаков маневарски простор. За да заработат од неговиот трансфер тие ќе мора да го пуштат да си замине наредното лето, во спротивно ризикуваат Мбапе да го напушти клубот како слободен играч.
Новинарот Инда тврди дека Мбапе со Реал договорил годишна плата од 35 милиони евра. Повеќе од оваа сума на годишно ниво заработуваат само Лионел Меси и Нејмар.
Од друга страна Реал за Мбапе на ПСЖ ќе им платат 225 милиони евра, што ќе претстатвува светски рекорд.
Мбапе во Париз пристигна од Монако за 180 милиони евра.