Еден Азар летово пристигна во Реал од Челси за сума од 100 милиони евра. Од него во клубот очекуваат да биде лидер, каков што некогаш беше Кристијано Роналдо, но почетокот на кариерата во „кралскиот клуб“ ќе сака што поскоро да го заборави.
Белгиецот се повреди пред почетокот на новата сезона, отсуствуваше еден месец, дебитираше против Леванте во Ла Лига, а синоќа го започна натпреварот против Пари Сен Жермен во Лигата на шампионите.
Азар и целиот тим одиграа точно онака како што покажува резултатот, чисти 3-0 за Пари Сен Жермен.
Коментирајќи ја партијата на Азар, поранешниот играч на Манчестер Јунајтед Рио Фердинанд, рекол дека Белгиецот во погрешно време го направил трансферот во Реал.
„Кога ќе дојдеш во нов клуб, особено во голем клуб каков што е Реал, мораш да го заслужиш правото секоја топка да оди кон тебе“, рекол Фердинанд за „БТ Спорт“ и продолжил.
„Се плашам дека замина таму (во Реал) во погрешно време. Тоа е тим што старее, нема напредок, околу нив во моментов нема никакви искри. Тоа ќе делува врз него и долгорочно гледано ќе има негативно влијание“.
Реал Мадрид немаат блескав почеток на сезоната, иако во нови играчи летово вложија преку 300 милиони евра.
Азар против Леванте и синоќа против Пари Сен Жермен вкупно одиграл 100 минути.