Пеп Гвардиола го прогласи Ливерпул за „најсилниот противник“ кој го имал во својата кариера, откако „црвените“ направија предност на стартот на Премиер лигата пред актуелниот шампион Манчестер сити.
Сити загубија со 3:2 од Норич минатиот викенд (прв лигашки пораз од јануари), за да останат на пет поени зад Ливерпул, кои имаат совршени пет победи во првите пет кола. Лани, Сити ја освои титулата со 98 поени, само еден пред Ливерпул, и Гвардиола вели дека тоа покажува колку се силни ривалите.
„Противниците кои ги имаме, кажав повеќе пати, се најсилните противници кои сум ги имал во мојата кариера како тренер. Тоа не се мали зборови. Го кажував тоа и кога бевме напред, го кажувам и сега. Тие имаат комплетна позициона игра, контра-напад, транзиција, одбрана, менталитет. ’Енфилд’ и навивачите, многу работи. Знам дека ќе биде многу тешко, но тоа е предизвикот“, вели Гвардиола.
Една мака која ја има Гвардиола оваа сезона се повредите на двајца клучни фудбалери од одбраната – Ајмерик Лапорт и Џон Стоунс, што значи дека Фернандињо ќе мора да игра назад покрај Николас Отаменди.
„Немаме многу опции. Родри може да игра таму, како и двајца млади фудбалери во кои веруваме, Ерик Гарсија и Тејлор Харвуд-Белис. Не е проблем, туку е предизвик“, додава Гвардиола.