Top Sport

Директорот на Ливерпул дочека да му врати на Фергусон: Сега повторно сме на врвот

Извршниот директор на Ливерпул, Питер Мур упати „удар“ кон своите вечни ривали Манчестер јунајтед, велејќи дека Ливерпул повторно се „на гранката“, фраза која славно ја искористи легендата на „ѓаволите“, Сер Алекс Фергусон.

Шкотланѓанецот Фергусон по доаѓањето на „Олд Трафорд“ изјави дека неговата прва задача е да „ги турне Ливерпул од својата гранка“, по што освои 13 титули од Премиер лигата, за да ги однесе Јунајтед на две титули пред Ливерпул како најтрофеен тим во Англија.

„Сега, повторно сме на нашата гранка, како што славно велиме“, изјави Мур на прес-конференција во Мадрид.

Ливерпул се на првото место во Премиер лигата со победи во првите шест меча од сезоната, а лани ја освоија титулата од Лигата на шампионите, додека Манчестер јунајтед беа шести и не играат во Лигата на шампионите, а и оваа сезона не им тргна најдобро.

Ливерпул беа на седмото место сезоната пред да бидат преземени од американската компанија „Фенвеј спортс груп“ во 2010 година.

„Тоа што ’Фенвеј’ го направи со Ливерпул во последните девет години е чудесно. Останаа на планот и никогаш не земаа ниту пени од клубот“, додаде Мур.

Ова е уште една критика кон сопствениците на Манчестер јунајтед, семејството Глејзер, кое профитира од клубот (повторно со рекорден приход и во 2018 година), додека клубот има 10 порази во последните 19 меча. Јунајтед нема пласман во ЛШ четири пати во последните шест сезони.

Scroll to Top