Поранешниот македонски репрезентативец Музафер Ејупи, вчера бил уапсен во Копривница под сомнение дека заедно со шурата претепале 53 годишен маж на кого му нанеле тешки телесни повреди.
Инцидентот се случил во центарот на градот, а според локалниот медиум, тројцата мажи се степале за паркинг место. Ејупи веднаш по апсењето бил ослободен додека неговиот шура бил задржан во притвор.
Полицијата во Копривница преку соопштение појаснува дека 53 годишниот маж со метална шипка ги нападнал Ејупи и неговиот шура.
„53 годишникот од подрачјето на Копривница со метална шипка по главата го удрил 31 годишниот државјанин на Северна Македонија, а потоа неколку пати по телото го удрил и 32 годишникот. Постапвајќи во самоодбрана 32 годишникот (шурата на Ејупи) му ја зел металната шипка на 53 годишникот и го удрил по главата и телот. Во тепачката 53 годишникот се здобил со тешки, а 31 и 32 годишниците со лесни телесни повреди“, стои во полициското соопштение.
Ејупи од 2015 година игра во Хрватска, во периодот 2015-2016 за Славен Белупо постигнал 24 гола на 49 натпревари, потоа три сезони минал во Осјек, а летово се вратил во екипата од Копривница.
Музафер Ујупи во кариерата има одиграно пет натпревари за У-21 репрезентацијата на Македонија и два натпревари за сениорската репрезентација на Македонија.