Во шпанските медиуми утринава проструи информацијата дека некогашниот најдобар светски ракометар, Французинот Никола Карабатиќ би можело повторно да заигра за шпанскиот шампион, Барселона.
Карабатиќ беше дел од каталонскиот клуб во периодот од 2013 до 2015 година. Минатата сезона од Барса во ПСЖ (сегашниот клуб на францускиот ракометар) премина шпанскиот дефанзивец, Виран Мороз, а од оваа сезона нов „светец“ е и полскиот кружен напаѓач, Камил Сипжак. Според информациите на радиото „РАЦ 1“ постои можност сите тројца пак да заиграат за Барса Ласа.
Фрустрираноста од фактот дека во ПСЖ многу се вложува, а се уште не е освоена ниту една европска титула излегува на површина. Според пишувањата, Карабатиќ е предводник на незадоволните, но неговиот пат за враќање во Шпанија не почна така едноставно.
Неофицијалните информации се дека Барса моментно не е заинтересирана за неговите услуги. Причина за тоа се неговите години, но и тоа што сезонава Каталонците дадоа висока сума за да го доведат во тимот хрватскиот ракометар, Лука Циндриќ. Освен Циндриќ на позиција среден бек, Барса ги има и Арон Палмарсон, односно искусниот Раул Ентрериос.
Во 2015 година ПСЖ и плати повеќе од 1 милион евра на Барса за да го раскине четиригодишниот договор на Карабатиќ и да го доведе во Париз.