Елиф Елмас покажа зошто го сметаат за еден од најталентираните млади фудбалери во Европа, откако со неговите два гола, Македонија стигна до клучна 2:1 победа над Словенија во квалификациите за Европското првенство во 2020 година.
Фудбалерот на Наполи покажа дека довербата на Карло Анчелоти не е без причина, откако прво во 50. минута постигна прекрасен гол по асистенција на уште еден „печалбар“ во Италија, капитенот Горан Пандев, лобувајќи го Јан Облак, еден од најдобрите голмани на денешницата.
Осумнаесет минути подоцна, во 68. минута, Елмас го искористи брзиот контра-напад на македонската репрезентација за да смести уште една топка во голот на Словенците, осигурувајќи ја победата. Во 95. минута, Словенците добија на „подарок“ и пенал, кој го реализираше Јосип Иличиќ за конечни 2:1.
Со трите поени, Македонија се искачува на третото место на табелата со 11 поени, колку што има и Словенија, и два поени помалку од Австрија, која со 3:1 го победи Израел и пет помалку од Полска, која лесно со 3:0 славеше во Летонија, предводени со двата гола на Роберт Левандовски, кој сега има 17 голови оваа сезона.
За момците на селекторот Игор Ангеловски сега следува супер-тешкото гостување кај лидерот Полска во недела, но со ваква игра има зошто да се надеваме дека е можно и изненадување.
ЕВРО 2020 КВАЛИФИКАЦИИ
ГРУПА Г
МАКЕДОНИЈА – Словенија 2:1
Австрија – Израел 3:1
Летонија – Полска 0:3
Фото: ФФМ