Снукер легендата Рони О’Саливен вели дека никогаш нема да каже дека е „најголемиот“ и покрај тоа што во неделата израмни два рекорди со победата на УК шампионатот.
42-годишниот О’Саливен го израмни рекордот на Стив Дејвис од шест титули од Јорк и рекордот на Стивен Хендри од 18 победи на турнирите од „тројната круна“ (УК шампионатот, Светското првенство и Мастерсот“. По ова, самиот Дејвис изјави дека О’Саливен е еден од „најголемите британски спортисти“ во историјата, но О’Саливен не сака такви дефиниции.
„Мислам дека другите луѓе треба да даваат такви изјави за тебе. Рекордите се добри и само покажуваат колку долго сум во спортот. Убаво е да ги имаш. Но, нема да кажам ‘јас сум најдобриот’. Тоа не е во мојата личност. Би кажал дека имало 10 или 12 турнири на кои играв неверојатно добро и на кои сум горд. Тоа е поважно од рекордите“, вели О’Саливен.
Првата голема победа О’Саливен ја имаше на истиот турнир пред 24 години на само 17 години и 358 дена, како најмлад во историјата. Во 2006 година тој направи еден од најконтроверзните потези во кариерата, кога си замина од мечот од УК шампионатот против Хендри. Меѓутоа, последните години тој е „смирен“ и се фокусира на снукерот. Тој има 30 не-ранкинг титули во 25-годишната кариера и има најмногу максимални брејкови од 147 (дури 13).
„Снукерот ме држи фокусиран и дисциплиниран. Ме држи подалеку од проблемите кои би си ги направил и затоа е добар за мојот живот. Понекога вистински ме стабилизира и ми дава цел. Ги следам сите спортови и секој кој е тука долго време, од боксерот Флојд Мејведер до пикадо-легендата Фил Тејлор, сите се упорни како мене“, додава О’Саливен.