Лионел Меси признава дека во Барселона има луѓе кои не сакаат Нејмар да се врати на „Ноу Камп“, додавајќи дека ова е една од причините поради кои кам-бекот на Бразилецот е многу тежок.
Нејмар си замина од Каталонија на контроверзен начин во 2017, откако Пари Сен-Жермен ја плати неговата откупна клаузула од 222 милиони евра (светски рекорд), но сега, само две години подоцна цело лето помина во големи шпекулации дека тој ќе се врати во стариот клуб. Меси признава дека тоа тешко ќе се реализира.
„Тешко е да се врати Нејмар. Прво, беше тешко да се види како тој замина, второ, поради начинот на кој замина. Има луѓе во клубот и членови на клубот кои не сакаат да се врати. Ако зборуваме чисто за фудбалот, Неј е еден од најдобрите на светот. Но, постојат и други фактори“, вели Меси.
Иако неодамна изјави дека нема да игра за друг клуб освен Барселона, тој уште го нема потпишано понудениот доживотен договор со Блауграна.
„Се зборува за тоа подолго време, да добијам договор каков што имаше Иниеста. Јас не сакам договорот да ме обврзува, бидејќи не знам како ќе се чувствувам. Ќе се натпреварувам додека се чувствувам физички добро“, објаснува Меси.