Играчот од средниот ред на Барселона, чилеанскиот фудбалер, Артуро Видал (32) им се пожали на медиумите во татковината за статусот што го има на „Ноу Камп“.
„Тажен сум што не сум во првите 11. Не е убао чувството да не играш, а да си потполно физички и психички подготвен. За се одлучува тренерот, а јас се надевам дека на наредните натпревари ќе играм уште повеќе. Ќе продолжам да работам жестоко за да докажам дека заслужувам да сум во стартната постава“ – вели Видал.
Тој минатата година дојде во Барса за 18 милиони евра. На клупа се пресели заедно со хрватскиот фудбалер, Иван Ракитиќ, а трите позиции во средниот ред моментно се резервирани за Артус, Серхио Бускетс и Френки Де Јонг.
Сезонава Видал одигра само 209 минути, за разлика од минатата сезона кога на зелениот терен помина околу 3.000 минути настапувајќи на 53 меча за каталонскиот клуб.
Договорот на Чилеанецот со Барса е до 2021 година.