Манчестер јунајтед, конечно, се подготвени да постават човек на позиција директор на фудбал, нешто што долго време се обидуваше да го избегне сегашниот извршен потпретседател на клубот Ед Вудвард, јавува порталот „Гол“, откако спонзорите и инвеститорите во клубот побарале такво нешто.
Шпекулациите дека „ѓаволите“ сакаат да постават човек на таа позиција, кој би бил одговорен за трансфери се стари една година, но ситуацијата сега се смени по поставувањето на Оле Гунар Солскјер како тренер на тимот, бидејќи и самиот тренер сака да направи мрежа за организирање на скаутите и нова политика на ангажирање на фудбалери.
И претходникот на Солскјер, Жозе Мурињо сакаше реорганизација на скаутската мрежа на тимот (50 различни скаути низ светот), и самиот неколку пати призна дека бил исфрустриран од трансфер-политиката на Вудвард, кој одби да го донесе Тоби Алдервајрелд од Тотенхем на стартот на минатата сезона, бидејќи сметаше дека дефанзивците кои ги има клубот се доволни. Јунајтед ова лето ги купија Арон Ван-Бисака и Хери Мегвајр, а ги пратија Матео Дармијан и Крис Смолинг во Италија.
Јунајтед потроши над 840 милиони фунти на трансфери по повлекувањето на Сер Алекс Фергусон и оттогаш можат да се пофалат со трофеј од Лига купот, ФА купот и од Лига Европа.
Меѓу првите луѓе со кои клубот контактирал за оваа позиција се поранешните фудбалери, Дарен Флечер и Рио Фердинанд.