Луис Хамилтон ја прослави својата шеста Ф1 титула во Њујорк со членови на своето семејство и со пријателите, откако призна дека ја возел оваа сезона „борејќи се со сопствените демони“.
По второто место во Остин, со кој Хамилтон се доближи на само една титула до легендарниот Михаел Шумахер, тој заедно со својот тим со авион пристигна во „Големото јаболко“, каде што прославуваше доцна до ноќта, а во среда ќе има посебен пречек во седиштето на Мерцедес Ф1 во Брекли.
34-годишниот Хамилтон следната сезона ќе се обиде да го стигне Шуми по бројот на титули, но и по бројот на победи бидејќи е на само осум од рекордот на Германецот од 91 триумфи. Сепак, тој вели дека титулата имала „скапа цена“.
„Секоја година поминувате низ различни емоции. Сите од нас се мачат со нешто во својот живот. Сакам да им покажам на луѓето дека однадвор работите секогаш изгледаат одлично, но не секогаш е така. Јас се мачам со многу различни работи и се борам со некои мои демони. Кога ќе се погледнете во огледало секој ден, без разлика дали се чувствувате добро или лошо , секогаш е тука темната страна која ве влече надолу. Се обидувам да се погледнам во огледало секое утро и да се кренам созборови“, вели загрижувачки Хамилтон.
Тој признава дека бил потресен од смртта на Ники Лауда, не-извршниот директор на Мерцедес во мај и загинувањето на Ф2 возачот Антоан Убер ова лето на Белгиското ГП.
„Искрено не мислев дека губењето на Ники ќе ме потресе толку. Многу ми недостасува и сега и не сфаќав колку го сакав тој човек. Исто така загубивме младо дете во Спа. Кога ќе се случи такво нешто, некои работи ги гледаш во перспектива. Си помислуваш: ’Дали е време да сопрам?’. Има живот и надвор од Ф1 и сакам еден ден да имам мое семејство“, додава Хамилтон.