Француските медиуми пренесуваат дека челниците на Пари Сен Жермен тргнале во панична операција за продолжување на договорот со Килијан Мбапе. На ваков чекор се решиле поради големиот интерес што за напаѓачот не го кријат од Реал Мадрид.
„Лекип“ на насловната страница носи вест со наслов „По секоја цена“. Во текстот се потенцира дека катарските сопственици не биле задоволни од бавноста со која челниците на клубот се обидуваат да го задржат Мбапе во Париз.
Исто така во Париз не биле задоволни поради константните притисоци што доаѓале од Мадрид, а во кои предничел тренерот Зинедин Зидан.
Зидан неодамна изјавил дека „сонот на Мбапе бил да игра во Реал“. Спортскиот директор на ПСЖ, Леонардо, смета дека Зидан ја преминал црвената линија и таквите изјави ги сметал за вознемирување на нивниот играч.
Тренерот на Реал одговорил и на оваа изјава на Леонардо.
„Не кажав ништо посебно. Реков дека му е сон да игра овде. Ова може да го толкува секој како што сака“, рекол Зидан.
Инаку според француските медиуми ПСЖ со новиот договор на Мбапе му понудиле годишна плата од 37 милиони евра.