Тренерот на Милан, Стефано Пиоли продолжи да ги фали квалитетите на Златан Ибрахимовиќ, но инсистира дека „росонерите“ не се фокусирани на купување на фудбалери во јануари, откако италијанските медиуми шпекулираа дека Швеѓанецот ќе се врати на „Сан Сиро“.
Договорот на 38-годишниот Ибрахимовиќ со Лос Анџелес галакси завршува на крајот на декември, и шпекулациите велеа дека може да се врати во Милан, каде што одигра две сезони од 2010 до 2012 пред да замине за Пари Сен-Жермен. Сега, по ангажирањето на Жозе Мурињо како тренер на Тотенхем, англискиот клуб се гледа како втора алтернатива за Ибра.
„Веќе објаснив дека се работи за голем шампион со технички квалитети и професионализмот. Но, во моментов размислувам само на денеска и на утрешниот меч. Ќе видиме каков е пазарот, уште сме ноември“, вели Пиоли.
Милан се 14. на табелата во Серија А со само 13 поени во првите 12 меча од сезоната.