Поранешната ѕвезда на Наполи, Езекиел Лавеци демантира дека се повлекол од фудбалот, но признава дека е многу блиску до таа одлука.
Договорот на Лавеци со кинескиот Хебеи Чајна фортјун завршува на 31 декември, и повеќе медиуми објавија дека поразот од 3:1 од Гуангжу Евергранде е негов последен меч во кариерата, откако навивачите го поздравија со банер: „Легендите никогаш не умираат, никогаш нема да бидат заборавени“.
„Може да биде така, ова да ми биде последниот меч во кариерата. Ако е така, тогаш ќе се сеќавам на голот. Дали ќе се пензионирам? Мислам дека ќе биде така. Сакам да уживам со моите деца и со семејството. Во текот на божиќните празници ќе размислам подобро, но одлуката е речиси направена“, изјави 34-годишниот Лавеци.
Голем фаворит на навивачите на „Сан Паоло“, Лавеци постигна 48 гола и имаше 57 асистенции во 188 настапи за Наполи, а со Пари Сен-Жермен освои четири француски титули. За Аргентина, тој одигра 51 меч, играјќи во финалето на СП во 2014 и освојувајќи го олимпиското злато во 2008 година.