Валенсија и Челси одиграа интересен меч полн со пресврти, кој на крајот заврши со 2:2 и најави интересно последно коло во групата Х, каде што освен овие два тима и Ајакс ќе се бори за местово нокаут-фазата. Со свои шанси остана и Зенит, откако во Санкт Петербург со 2:0 го совлада Лион, за да се израмни со бројот на поени со францускиот тим.
Карлос Солер во финишот на првото полувреме им донесе водство на домаќините, но веќе во следниот напад, Матео Ковачиќ успеа да израмни, резултат со кој се отиде на пауза. Само што почна второто полувреме, во 50. минута, Кристијан Пулишиќ ги донесе „сините“ во водство, а во 65. минута, „Лос че“ имаа совршена шанса да израмнат кога беше досуден пенал.
Меѓутоа, фантастичниот Кепа Аризабалага успеа да го одбрани ударот на Дани Парехо. Сепак, напаѓачката игра на „лилјаците“ резултираше со гол во 82. минута, кога Даниел Вас израмни. Со овој резултат, Валенсија е прва со 8 поени, колку што има и Челси, а Ајакс е трет со 7 поени пред вечерешниот дуел со Лил. Во последното коло Челси го пречекува Лил, додека Валенсија игра кај Ајакс.
Зенит, пак, со головите на Артјом Ѕјуба и Магомед Оздоев стигна до 2:0 победа над Лион, за да ја искомпликува ситуацијата во групата Г. Лајпциг, кој вечер ја пречекуваа Бенфика е прв со 9, додека Зенит и Лион имаат по седум поени. Во последното коло, Зенит гостува на Бенфика, а Лион го пречекува Лајпциг.
ЛИГА НА ШАМПИОНИ
ГРУПА Х
Валенсија – Челси 2:2
Лил – Ајакс 21.00 ч.
Табела: 1.Валенсија 8, 2.Челси 8, 3.Ајакс 7, 4.Лил 1
ГРУПА Г
Зенит – Лион 2:0
РБ Лајпциг – Бенфика 21.00 ч.
Табела: 1.Лајпциг 9, 2.Зенит 7, 3.Лион 7, 4.Бенфика 3