Камбекот на Златан Ибрахимовиќ во Серија А, односно во поранешниот клуб Милан, не е сигурен, вели неговиот агент Мино Рајола.
Договорот на шведскиот ветеран со Лос Анџелес галакси завршува на крајот на годината, и главната шпекулација е дека ќе се врати во Серија А, откако неодамна на социјалните мрежи напиша: „Наскоро во Италија“. Покрај Милан за 38-годишниот напаѓач се заинтересирани и Болоња и Наполи, но Рајола вели дека се отворени за понуди од секаде.
„Зошто не би размислувале така? Не е сигурно дека тој ќе се врати во Италија. Кој од трите заинтересирани клубови ќе го избере? Којзнае, тој е слободен човек. Дали може да се пензионира? Нема да исклучам ништо, но не верувам во тоа, бидејќи Ибра уште е многу добар“, вели Рајола за „Ла газета дело спорт“.
Се верува дека Ибрахимовиќ би сакал да живее во Италија со сопругата и двете деца по пензионирањето од фудбалот.
„Каде би сакал јас да го видам? Подалеку од мене за да престане да ме нервира“, вели на шега Рајола.