Рафаел Надал нема да може да се судри уште еднаш со Роџер Федерер на негов терен, откако реши да се повлече од Свис индорс турнирот во Базел, родниот град на Швајцарецот.
Федерер петти пат едноподруго го совлада Надал во финалето на Мастерсот во Шангај во неделата, а светскиот број 1 вели дека му е потребен одмор пред крајот на сезоната.
„За жал морам да објавам дека нема да играм во Базел откако бев на прегледи во Шпанија по пристигнувањето од Кина. Коленото доживеа премногу стрес последните две-три недели и лекарите ми советуваат одмор. Сакам да им пратам порака на фановите во Швајцарија, каде што секогаш сум бил пречекан со почит и да им ветам дека ќе се видиме следната година“, објави Шпанецот.