Поранешниот одбранбен играч на Челси и Реал Мадрид, Рикардо Карваљо е осуден на седум месеци затвор и 142.882 евра за избегнување на плаќање данок во Шпанија. Според шпанскиот закон, секоја казна помала од две години за ненасилен криминал ретко завршува со вистинско заминување во затвор.
39-годишниот Карваљо, кој сега игра за кинескиот тим Шангај СИПГ, е обвинет за криење на приходите од правата на неговиот лик во 2011 и 2012, додека играше за Реал Мадрид, со што избегна да плати 545.981 евра.
Тој ја врати оваа сума и официјално се изјасни како виновен, поради што беше намалена неговата казна за која обвинителството бараше 300.000 евра и 12 месеци во затвор.
Карваљо не е првиот фудбалер кој има проблеми со шпанските даночници. Во 2016 година, Лионел Меси беше осуден за даночна измама од 4.2 милиони евра и доби казна од 21 месеци затвор. Најдобриот стрелец на Реал Мадрид, Кристијано Роналдо, во јули беше пред суд за избегнување на данок од 14.7 милиони евра, но засега нема формални обвинувања против него.