Синиша Михајловиќ реши да се смири со својот стар пријател, уредникот на спортскиот весник „Кориере дело спорт“, Иван Ѕацарони откако претходно ја растурија дружбата кога весникот прв објави дека тој болува од леукемија, истиот ден кога тренерот на Болоња имаше закажано прес-конференција за да ја објави веста.
Со наслов „Форца Синиша“, „Кориере“ ја објави веста, а 50-годишниот Србин се налути и на прес-конференцијата изјави дека „за стотина повеќе продадени весници некој реши да растури старо пријателство“.
Сега, пет месеци подоцна Ѕацарони и Михајловиќ ја имаа првата средба, до која дојде поради една СМС порака.
„’Сега сме во години во кои не можеме да правиме нови пријателства, така што мораме да се држиме до старите’, тоа беше пораката која Синиша двапати ми ја кажа. Тоа се единствените зборови кои ќе ви ги откријам од вчерашниот состанок во Рим. Беше состанок на кој се надевав, момент на конечно објаснување, а не обично ’Како си’. Тоа беше еден час на исповеди, интимни разговори, без развлекување, бидејќи поминавме повеќе децении заедно, секогаш со емоциите“, напиша Ѕацарони во денешното издание на „Кориере“.
Михајловиќ: Имам леукемија, но ќе се борам до крај и ќе ја победам!