Манчестер јунајтед доживеа тежок 1:3 пораз од Манчестер сити во првиот меч од полуфиналето на англискиот Лига куп (Карабао куп), во меч во кој „ѓаволите“ беа целосно декласирани уште во првото полувреме, уште еднаш покажувајќи ги сите слабости кои ги има тимот на Оле Гунар Солскјер.
Ако во лигашкиот дуел на „Етихад“ лани, Јунајтед успеаја со контранапади да бидат опасни, овојпат на „Олд Трафорд“ тие не покажаа апсолутно ништо, дозволувајќи првпат од 1997 година да губат со 0:3 на полувреме.
Бернардо Силва ја најави „катастрофата“ уште во 17. минута од мечот, со фантастичен гол од над 20 метри по контранапад на „граѓаните“, за во 33. минута совршено да го најде Ријад Марез кој зголеми на 2:0. Сол на раната си ставија самите фудбалери на Јунајтед, откако Андреас Переира во 39. минута си постигна автогол.
Во второто полувреме, Солскјер не направи некои големи промени во играта, внесувајќи го само Матиќ на местото на очајниот Џеси Лингард, и сите шанси на Јунајтед беа залудни до 70. минута, кога Мејсон Гринвуд имаше одлична асистенција до Маркус Рашфорд, кој намали на 1:3.
Вториот меч, овојпат на „Етихад“, се игра на 29 јануари.