Шпанија убедливо ја победи Германија во дербито на третиот ден на Европското првенство во ракомет, Исланд приреди големо изненадување со победата над Данска, додека Црна Гора во 17 меч што го одигра во својата историја на Европските првенства ја забележа првата победа.
Европските шампиони, ракометарите на Шпанија ја декласираа Германија во Ц-групата, во Трондхајм. Шпанците славеа со 33:26 и речиси сигурно си ја обезбедија првата позиција во групата.
Од самиот почеток Шпанците го диктираа темпото, ја уништија Германија со голови од транзиција, а победата ја најавија кога поведоа со 9:3. Промената на одбранбената формација за малку ја врати Германија во натпреварот. Откако се доближија на гол негатива Шпанците постигнаа два во финишот на првиот дел и со 14:11 заминаа на одмор.
Во вториот дел нова рапсодија на „црвента фурија“ го мелеа противникот, а во едне момент имаа двоцифрена разлика (29:19).
Алекс Душебаев со седум гола и Де Варгас со 12 одбрани беа најдобри кај Шпанците. Кај Германија се пет гола се истакна Пекелер.
Актуелните светски шампиони ракометарите на Данска доживеаја шокантен пораз од Исланд во Малме. Исланѓаните во Е-групата славеа со 31:30.
Спектакуларен меч одиграа двете скандинавски селекции, неизвесен од првата до последната секунда. Ниту една од репрезентациите во текот на натпреварот не успеа да стекне поголема предност од три гола.
Исланѓаните во последните десет минути имаа три предност од три гола која Данците ја стигнаа во 55 минута. Сепак исланд успеа да постигне два гола до крајот, Данците само еден, го имаа и последниот напад за израмнување меѓутоа Микел Хансен не успеа да погоди.
Хансен постигна девет, Дамгард осум, а Линдберг и Лауге по пет гола за Данска. Кај Исланд блескаше Палмарсон со десет гола, Петерсон постигна пет, а Сигурдсон четири.
Србија е првата репрезентација која нема никакви шанси за пласман во вториот круг. Во А-групата Црна Гора ја победи Србија со 22:21. Интересно ова е првата победа за Црне Гора воопшто на континенталните шампионати. До овој меч Црна Гора имаше само едно реми и 15 порази.
Црна Гора подобро ги одигра последните 15 минути, кога најпрвин ја стигнаа предноста на Србија од три гола, а потоа истата знаеја како да ја одбранат.
Грбовиќ со пет и Божовиќ со четири гола ја предовдеа Црна Гора. Кај Србија најефикасен беше Кукиќ со шест гола.