Најдобар кошаркар во 20 коло на кошаркарската Евролига без дилеми е Шејн Ларкин од Анадолу Ефес.
Ова е третпат во низа сјајниот кошаркар да е МВП на колото, што на ниту еден друг кошаркар претходно не му успеало.
Сезонава Ларкин го сруши рекордот по бројот на постигнати поени на еден меч. Во 11 коло против Баерн постигна 49 поени, тогаш погоди 10 тројки од 12 обиди. Тогаш првпат беше МВП сезонава.
Во 18 коло, против Барселона уфрли 26 поени, во 19 коло против Армани броеше до 23, а во последново коло, на Асвел му даде 29 поени. Освен поените, доминираше и со 7 асистенции, 6 скока и 7 изнудени фаули, за вкупно 45 индексни поени.
Покрај Ларкин кој сезонава има 4 МВП признанија во Евролига, ист учинок има и кошаркарот на ЦСКА Москва, Мајк Џејмс.