На дел од фудбалерите на Арсенал им е доста од Алексис Санчез и сакаат Чилеанецот што е можно побргу да си замине од тимот, тврди британскиот таблоид „Дејли мејл“.
Според весникот, дел од соиграчите на Санчез одбиле да слават со него при постигнувањето на вториот гол на претходниот меч со Кристал Палас, но тоа не било изненадување, бидејќи по 1:1 ремито со Саутемптон овој месец, тие јасно го изразиле своето незадоволство во соблекувалната.
Во текот на тој меч, Џек Вилшир, кој е дел од академијата на Арсенал, директно му посочил на Санчез дека е „премногу себичен“ со топката. Покрај него, и другите фудбалери сметале дека тој треба да биде продаден во јануарскиот преоден рок.
Ова не е првпат во Премиер лигата да има несогласувања меѓу соиграчите. Теди Шерингам и Енди Кол не разговараа додека беа во Манчестер јунајтед, но освојуваа титули заедно, а во Арсенал исто така имаше слична ситуација со Арон Ремзи и Робин ван Перси, но тоа не пречеше во играта.