Top Sport

Норвежаните во полуфинале по триумфот над Исланд (видео)

Норвешката ракометна репрезентација се приклучи на Хрватска и на Шпанија во полуфиналето на Европското првенство, откако во нордиската пресметка со 31:28 го победија Исланд за шеста победа во исто толку меча на шампионатот.

Сега, останува неизвесно само кој ќе биде вториот патник од групата 2, а кандидати се Словенците и Унгарците. Унгарија вечерва игра со Шведска и ако ја победи ќе биде во „пол-позиција“, бидејќи во последното коло ќе игра со Португалија, додека Словенците ќе играат со Норвешка.

Против Исланд, Норвежаните уште на стартот покажаа дека ќе одат само на победа, поведувајќи со фантастични 7:0, освојувајќи го полувремето со иста разлика (19:12). Исланд имаше многу подобро отварање на второто полувреме, правејќи серија од 6:3, но не успеаја да се доближат на моќните Норвежани, кои според играта се дефинитивно најголеми фаворити за златото.

Сандер Сагосен повторно блескаше со девет гола за Норвешка, а шест имаше Кристијан О’Саливен, додека за Исланѓаните, Олафур Гудмундсон беше најефикасен со пет гола.

ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО, 2. ФАЗА, ГРУПА 2

Португалија – Словенија 24:29 (15:14)

Норвешка – Исланд 31:28 (19:12)

Унгарија – Шведска 20.30 ч.

Табела: 1.Норвешка 8, 2.Словенија 6, 3.Унгарија 4, 4.Исланд 2, 5.Португалија 2, 6.Шведска 0

Scroll to Top