Вулверхемптон вондерерс за малку ќе станеа само вториот премиерлигашки тим кој успеа да остане непоразен против Ливерпул, но тука е секогаш доверливиот Роберто Фирмино, кој во 84. минута им го донесе на „црвените“ 22-риот триумф во 23 натпревари во Премиер лигата оваа сезона. Фирмино оваа сезона постигнува осум голови во ПЛ и тоа сите на гости!
Тимот на Јирген Клоп досега имаше загубено поени само на „Олд Трафорд“ против Манчестер јунајтед (1:1), но јасно беше дека гостувањето на „Молињу“ секогаш е опасно. Но, само што почна мечот, уште во осмата минута, Џордан Хендерсон ги донесе гостите во водство најавувајќи продолжување на лудата серија.
Загриженост на лицето на Клоп имаше во 32. минута, кога сенегалскиот голгетер на Ливерпул, Садио Мане побара да биде заменет со очигледна повреда на бутниот мускул, која доаѓа во незгодно време. Тој беше заменет од новото засилување Такуми Минамино, кој дебитираше во Премиер лигата. Само за три дена, Ливерпул играат со Шрузбери во ФА купот, на 29 јануари гостуваат кај Вест хем, а на 1 февруари играат дома со Саутемптон.
„Волците“ успеаја да израмнат на стартот на второто полувреме, кога Раул Хименез и Адама Траоре тргнаа во брз контра-напад и Мексиканецот успеа со глава да го совлада Алисон. Во следните десетина минути, Вулверхемптон беше подобриот противник и пропушти две убави шанси, пред во 84. минута по асистенција на Хендерсон, Роберто Фирмино да донесе нова доцна победа за неговиот тим.