Шпанија во недела ќе ја брани европската ракометна титула, откако во полуфиналето во „Теле2 арената“ во Стокхолм со 34:32 релативно лесно ја поминаа Словенија и сега ќе се соочат со инспирираните Хрвати, кои по драматични продолженија беа подобри од Норвешка.
За разлика од претходната ракометна драма во режија на Хрватска и Норвешка, текот на второто полуфинале беше релативно еднонасочно. Словенците први поведоа со 2:0, и се држеа рамноправно до 7:7, пред во средината на првото полувреме, Шпанците да влезат во шутерска серија и да направат предност од пет гола на полувреме (20:15).
Тимот на Љубомир Врањеш не се предаде и со тешка битка успеа да се доближи на три разлика на 20-тина минути пред крајот (26:23), а стана интересно кога Словенците дојдоа и на гол-разлика (33:32), пред поранешниот вардарец, Алекс Душебаев да стави точка со гол за конечни 34:32.
Душебаев, заедно со Раул Ентрериос и Анхел Фернандез беа најефикасни за фуријата со по шест гола, додека за „змајчеки“, седум даде Јуре Доленец, а шест имаше Блаж Јанц.
Watch the Game Highlights from Spain vs. Slovenia, 01/24/2020 pic.twitter.com/jUcX5vMGOr
— EHF EURO (@EHFEURO) January 24, 2020