Борусија Дортмунд очигледно доби „џек-пот“ со потписот на младиот голгетер Ерлинг Халанд, откако сензационалниот Норвежанец во вториот меч за „милионерите“ во кој добива шанса како замена се запишува во листата на стрелците, и тоа со два гола, при убедливиот 5:1 триумф над Келн во првиот меч од 19. коло на Бундеслигата.

Откако дебито го одбележи со хет-трик за пресврт и 5:3 победа кај Аугзбург, овојпат немаше потреба за херојство, откако Борусија имаше 3:1 предност кога тој влезе во игра во 65. минута со головите на Гереиро, Ројс и Санчо. Меѓутоа, секако, неверојатен е фактот што момчето од 19 години во два официјални меча за „милионерите“ веќе има пет гола!

Со трите поени, БВБ се придвижи на третото место на табелата со 36 поени, колку што има и второпласираниот Баерн Минхен и на четири поени зад лидерот РБ Лајпциг, иако овие два тима имаат натпревар помалку.